Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска по средбата со американскиот потсекретар за економски раст, енергетика и животна средина Хозе Фернандез, најави дека следната недела Србија ќе потпише значаен енергетски договор со американската компанија УГТР, што на Србија ќе и обезбеди еден гигават новоинсталирана енергија преку соларни панели, јави дописникот на МИА од Белград.
– Следната недела ќе го потпишеме договорот со УГТР. За ова зборував со претседателот Бајден. И тој лично кажа колку е важна оваа компанија и колку е важно да продолжиме да инвестираме во енергетиката, бидејќи нема да имаме струја ако не побрзаме. Тој проект треба да ни донесе еден гигават новоинсталирана енергија преку соларни панели, рече Вучиќ на прес-конференцијата по состанокот со Фернандез.
Тој додаде дека „за проектот мора да има 200 мегавати батерии за балансирање затоа што без тоа не вреди, не можеме да примаме енергија во системот, бидејќи сè уште немаме изградена мрежа и сè друго“.
Вучиќ кажа дека е разговарано и за користењето на минерални суровини и литиум.
– Реков дека конечната одлука ќе ја донесеме кога ќе ги разгледаме сите студии и дека веруваме дека е можно со американска помош и поддршка да се обезбеди највисока заштита на животната средина, целосна заштита на луѓето и дека постоењето на минерални суровини на територијата на Србија го гледаме како одлична можност за понатамошен економски подем и развој на нашата земја, рече Вучиќ.
Тој додаде дека за ова е потребно исполнување на услови и оти верува дека добил поддршка од американската страна.
Вучиќ кажа дека на средбата разговарале за бројни важни проекти и за натамошното техничко-технолошко подобрување и напредок на Србија.
– Разговаравме и за воведувањето на 5Г мрежата во Србија, за тоа како и на кој начин да ги заштитиме сите наши податоци, да се осигураме дека граѓаните се безбедни и во исто време да обезбедиме технолошки напредок што постои во најразвиените земји на светот, рече Вучиќ.
Фернандез истакна дека „кога ќе почне проектот Јадар, ќе овозможи производство на батерии за над милион електрични возила годишно и ќе додаде еден до три отсто на БДП на Србија.
– Ова е можност Србија да го искористи овој генерациски предизвик и да ја искористи шансата што не се појавува толку често. Ние сме во позиција каде на светот му е потребно 42 пати повеќе литиум, доколку сакаме да ги достигнеме целите на чиста енергија до 2050 година, рече Фернандез.
Тој изјави дека САД ги поддржуваат напорите на Србија да ја развие нејзината економија и ги поддржуваат целите за чиста енергија на глобално ниво.