Во зградата на Владата на Херцеговско-неретванскиот кантон, шефот на Секторот за односи со јавноста, Дарко Јука, ги презентираше најновите информации за состојбата на терен поради поплавите што го зафатија овој дел на Босна и Херцеговина.
Како последица на невремето и лизгањето на земјиштето досега се потврдени 14 жртви, но властите стравуваат дека бројот на загинати би можел да се зголемува бидејќи има голем број исчезнати лица.
Јука изјави дека ситуацијата е нешто постабилна, а потврди дека итните служби успеале да стигнат до Јабланица.
„Во моментов најкритична е ситуацијата во Долна Јабланица која е целосно отсечена од светот“, рече Јука.
Тој додаде дека „урнати се патишта, како и неколку мостови на реката Дрежанка“.
И поширокото подрачје на Коњица е изолирано, а повредените се евакуираат со чамци што ги користат припадниците на вооружените сили на БиХ, Цивилната заштита и локалните клубови.
Сите расположливи сили се на терен – Цивилната заштита, полицијата, планинската спасувачка служба и Црвениот крст, додека соседните кантони нудат помош“, рече Јука.
Јука апелираше до граѓаните да ја сфатат сериозноста на ситуацијата и да не се упатуваат кон Јабланица и Коњиќ од кој било правец.