Албанија и ОАЕ потпишаа договор за формирање заедничка компанија за производство на струја

Албанија и Обединетите арапски емирати, односно албанската електро корпорација, КЕШ и Масдар, гигантот на ОАЕ, во Баку, Азербејџан, потпишаа договор за формирање заедничка компанија за производство на електрична енергија.

Премиерот Еди Рама на социјалните мрежи сподели фотографии од потпишувањето на договорот, потенцирајќи дека оваа компанија ќе инвестира во Албанија и регионот.

Вицепремиерката, и министерка за инфраструктура и енергетика, Белинда Балуку, овој договор го оцени како „еден од најважните во енергетскиот сектор со широко влијание во регионот“.

-За време на одржувањето на 29-та Конференцијата на страните на Конвенцијата на Обединетите нации за климатски промени (COP29) во Баку, покрај тоа што на сите панели го промовиравме големото богатство што го имаме, нашата земја, која произведува 100 отсто обновлива енергија, го потпиша еден од најважните договори за соработка со гигантот Масдар. Оваа компанија работи долго време на Балканот, но сега со КЕШ, се создава заедничка компанија која ќе инвестира на целата област на Западен Балкан, но пред се во Албанија, рече Балуку, објави АТА.

Претставникот на компанијата Масдар истакнал дека „како глобален лидер во обновливите извори на енергија, Масдар е горд што го потпишал овој договор со Албанија, особено со КЕШ“, при тоа додавајќи дека компанијата е многу активна во балканскиот регион.

-Всушност, ние сме една од најголемите компании за обновлива енергија во светот. Среќни сме што соработуваме со албанската влада и КЕШ за овој стратешки проект кој ќе ги искористи извонредните обновливи извори на енергија што ги има Албанија. Со нетрпение очекуваме да работиме на напредокот на овој проект, изјави претставникот на Масдар.

Според министерката Балуку „енергијата и економијата на обновливите извори на енергија се врвен приоритет за Албанија“.