Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски денеска оствари проштална средба со амбасадорот на Италијанската Република Андреа Силвестри.
Министерот Муцунски изрази благодарност за целокупниот придонес на амбасадорот Силвестри за развојот на италијанско – македонските односи и соработка за време на неговиот дипломатски мандат во земјава. Притоа, изрази подготвеност за натамошно продолжување на отворениот дијалог и по пристигнувањето на новиот Амбасадор на Италија во нашата земја, имајќи ја предвид засилената динамика на политичкиот дијалог во изминатиот период и честите средби на високо ниво помеѓу двете земји.
На средбата, беа разменети мислења и за актуелните прашања поврзани со европското досие на нашата земја, при што министерот Муцунски уште еднаш се заблагодари за континуираната поддршката на Италијанската Република кон нашите стратешки определби за членство во Европската Унија, нагласувајќи ја нашата цврста посветеност на реформската агенда, со цел отворање нова фаза во европскиот процес и целосно ЕУ членство.