Тајфунот Кратон се движи кон Тајван, откажани летови, евакуирани 10 илјади луѓе

Тајван приземји стотици летови, затвори училишта, канцеларии и финансиски пазари пред пристигнувањето на тајфунот Кратон. Обилните дождови го погодија јужниот дел на островот, а забележан е еден смртен случај.

Официјални лица во клучниот пристанишен град Каосиунг, кој ќе биде во центарот на бурата, им порачаа на луѓето да останат во затворени простории и да ги избегнуваат морето, реките и планините, предупредувајќи на повторување на тајфунот Телма кој во 1997 година уби 37 луѓе и уништи град со 2,7 милиони жители.

Иако тајфунот ослабе, останува заканата од бура, силни ветришта и дожд додека полека се приближува до брегот на Тајван, велат метеоролозите.

Тајфунот ќе ја изгуби силата кога ќе падне на копното, рече градоначалникот на Каосиунг, Чен Чи-маи, но сепак ќе донесе интензивни ветрови и дожд.

„Меѓутоа, ако се движи кон север, ветровите повторно ќе зајакнат, така што заканата за Каосиунг ќе продолжи и луѓето не треба да го сфаќаат ова лесно“, им рече тој на новинарите.

Пожарникарите пријавиле еден смртен случај откако постар човек паднал од дрво во источниот округ Хуалиен, при што две лица се водат како исчезнати, а 70 се повредени.

Сите градови и области на островот го прогласија денешниот ден за неработен, затворајќи ги финансиските пазари и откажувајќи домашни и 246 меѓународни летови, а повеќе од 10 000 луѓе беа евакуирани, главно на југ и на исток.