Силно невреме поплави делови на Германија, од гром се запали магацин со возила

Невреме ги поплави патиштата и предизвика штети во делови од Германија, соопштија денеска локалните власти, додека во другите делови на земјата исто така се подготвуваат за силен дожд.

Службите за итни случаи беа повикани на стотици локации, а најтешко е погоден регионот Франконија во Баварија. Неколку автомобили останаа заробени под вода во подвозниците во Нирнберг и Фирт.

Најголема финансиска штета се случи во Унтермерцбах, северно од Нирнберг, каде што гром веројатно запалил магацин со 60 до 70 возила, соопштија пожарникарите во првата проценка. Во Тирингија улиците беа поплавени и во градот Нордхаузен, а тамошните служби беа повикани да ја отстранат водата од подрумите и патиштата.

Повеќе од 100 милилитри дожд наврнаа во регионот за помалку од 12 часа, објавија германските метеоролози. Во градот Лудвигсхафен во сојузната држава Рајнланд-Пфалц се запали семејна куќа, најверојатно поради удар на гром. Повредени нема, но штетата изнесува 100 илјади евра, јавува dpa.

Утринава метеоролошките служби издадоа предупредувања за уште три области на северот на Тирингија, а во попладневните часови се очекува смирување на временските услови.