Пливачка се онесвести по трката- ја однесоа на носилка со маска со кислород

Словачката пливачка Тамара Поточка (21) изгуби свест покрај базенот по утринската квалификациска трка на 200 метри мешано на Олимписките игри во Париз.

Откако заврши на седмото место, колабирала и добила итна медицинска помош. Таа доби маска за кислород, надгледувана од медицинските лица, а потоа ја префрлија на носилка и ја извадија од базенот во лежечка положба, додека толпата плескаше во знак на поддршка.

Предводничката на словачкиот пливачки тим Ивана Ланге изјави дека Поточка имала астма. „Комбинацијата на ментален и физички напор, иако немаше инхалатор во близина, доведе до овој проблем. Ѝ дадоа кислород и неопходни лекови и нејзината состојба се следи. Докторот ми рече дека треба да се следи уште неколку часа. “, рече Ланге.

Поточка набрзо се освести. Со оглед на тоа што во квалификациите заврши на 23. место во генералниот пласман со време од 2:14.20 минути, на првите Олимписки игри потфрли и на 200 метри мешано. Канаѓанката Самер Мекинтош беше најбрза во квалификациите.