ФИФА: Годинава се направени рекордни 11.000 трансфери

Меѓународната фудбалска асоцијација (ФИФА) денеска објави дека во 2024 година се направени рекорден број од 11.000 регистрирани меѓународни трансфери, што е зголемување за 4,8 отсто во однос на истиот период лани.

Исто така, е објавено дека клубовите ширум светот потрошиле повеќе од 6,4 милијарди долари за обештетување, што е втора најголема сума во историјата, но и намалување од 13,06 отсто во однос на рекордот лани.

Убедливи лидери кај потрошувачите се европските клубови со 5,58 милијарди долари, а доминираат англиските клубови кои само за време на летниот преоден рок потрошиле дури 1,6 милијарди долари. Сепак, и таа сума е со пад од 15,5 отсто во однос на лани кога англиските клубови потрошиле две милијарди долари.

Клубовите од Саудиска Арабија, исто така, забележале пад на трошоците за неверојатни 50,74 проценти. По минатогодишните 875 милиони долари, оваа година саудиските клубови потрошиле 431 милион долари, но оваа бројка би требало да расте со оглед на тоа што трансфер периодот во таа земја трае до октомври.

Зголемување на прометот е забележано и кај трансферите на фудбалерките, годинава клубовите за обештетување потрошиле 6,8 милиони долари, што е повеќе од двојно во однос на лани.