Кривични пријави за неплаќање на патарини

Полицијата поднесе 18 кривични пријави против 12 полицајци и 6 вработени на патарината Романовце на автопатот Куманово – Скопје. Истите се осомничени дека во подолг период вршеле услуги овозможувајќи им на вработените во МВР да не плаќаат задолжителна патна такса од 60 денари.

Според полициската истрага, било утврдено дека од 1 јануари до 15 август, вработените во Јавното претпријатие „Државни патишта“ поседувале список со регистарски таблички на приватни автомобили на полицајци на кои не им била наплатувана патарина. Истрагата покажала дека такви услуги биле извршени 959 пати во периодот додека групата била под истражни мерки речиси 8 месеци. Осомничените полицајци се од мобилната единица за безбедност на патниот сообраќај.
Кривични пријави се поднесени против 18 осомничени за „злоупотреба на службената должност“, додека полицајци и вработени на патарина се суспендирани од работа. Штетата на државниот буџет за неплаќање изнесува околу илјада евра.