Во Србија се враќа воениот рок – ќе трае 75 дена!

Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ, денеска изјави дека Владата му наложила на Министерството за одбрана да подготви итни измени на Законот за укинување на суспензијата на воениот рок, со цел да се врати воениот рок.

  • Очекувам дека в петок ќе имаме седница на Владата на која ќе го разгледаме и усвоиме предлогот за измена на законот. Го поканивме претседателот Александар Вучиќ, како врховен командант, да присуствува, бидејќи темата е во рамките на неговата уставна надлежност, изјави Вучевиќ на ТВ Пинк.

Тој потврди дека воениот рок ќе трае 75 дена, што не би требало да го наруши секојдневниот живот, школувањето, студирањето или работата. Вучевиќ истакна дека оваа мерка ќе им помогне на мајките и татковците да ги подготват нивните деца за животот.

  • Овој период на воениот рок ќе претставува предизвик за обука во толку краток временски период, бидејќи порано воениот рок беше многу подолг. Подготвуваме касарни и униформи за да ја направиме обуката интересна, додаде Вучевиќ.

Тој истакна дека момчињата со образование во области како електротехника и машинство ќе бидат ангажирани во специфични единици, како што е Воено-техничкиот институт и ремонтни заводи, за да се искористи нивното знаење.

  • Ќе имаме многу млади луѓе кои се експерти за управување со дронови, што ќе биде од голема помош. Дроновите можат да бидат многу поефективни од пушките. Ова ќе го зголеми потенцијалот на војската и ќе ги зајакне нејзините способности, рече Вучевиќ.

Тој нагласи дека Србија не се подготвува за војна, туку за зачувување на мирот, бидејќи „колку е посилна војската, толку е побезбеден мирот“. Премиерот додаде дека професионалниот состав на војската ќе продолжи да постои и ќе биде наменет за најтешките задачи.