Адеми: Недозволиво е да се носат законски измени по примерот на Кривичен, без да се консултира судската фела

Недозволиво е да се носат законски измени кои се непосредно или посредно поврзани со судството, како што беше примерот со Кривичниот законик, без да се чуе мислењето на судиите, бидејќи тоа не само што предизвикува нетранспарентност на процесот, туку и несакани реперкусии од аспект на владеењето на правото, истакна претседателката на Врховниот суд Беса Адеми на денешната презентација на препораките и акцискиот план за подобрување на состојбите во правосудството, финансирани од Амбасадата на САД, во организација на Коалицијата „Сите за правично судење“.

Адеми во своето излагање посочи дека потребно е конечно да се слушнат размислувањата и предлозите на судската фела, нагласувајќи дека „проблемите не се решаваат со наметнување или пак со прифаќање на молк, напротив, аргументациите на судиите со интегритет и став се доволно гласни и јасни да укажат на состојбите кои ги кочат идеите и процесите“.

Претседателката на Врховен се осврна и на важноста од осамостојување и зголемување на судскиот буџет, односно судскиот и јавнообвинителскиот буџет да не зависи од претходно добиените одобренија и согласност од органи на извршната власт.

– Една од препораките ја нагласува важноста на осамостојување и зголемување на судскиот буџет, односно дека е потребно да се направат измени во позитивните прописи со цел реализација на судскиот и јавнообвинителскиот буџет да не зависи од претходно добиените одобренија и согласност од органи на извршната власт. Неспорно е дека судството е финансиски зависно од другите власти, рече Адеми.