Битиќи: Создаваме добри економски политики што може да ни помогнат во градењето атрактивна деловна средина

Битиќи: Создаваме добри економски политики што може да ни помогнат во градењето атрактивна деловна средина

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денеска се обрати на конференцијата за Југоисточна Европа на тема „Човечки капитал, миграција и како да ја обликуваме иднината заедно“, што се одржува во Париз, во организација на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Заедно со вицепремиерот Битиќи на панелот се обратија и министерот за развојна соработка на Словенија, Станислав Расцан, министерот за надворешна трговија и економски односи на Босна и Херцеговина, Сташа Кошарац, министерката за индустрија, претприемништво и трговија на Косово Розета Хајдари, државниот секретар за надворешна трговија и развојна соработка на Хрватска Зденко Луциќ, а модератор на панелот беше генералната директорка на Швајцарската агенција за развој и соработка, Патриција Данци, соопшти владината прес-служба.

– Благодарен сум што ме поканивте на овој настан, но исто така благодарен сум што нé насочувате низ процесите за креирање политики, што ни нудите увид и експертиза во секоја држава во процесот на подготовката на студијата за миграција на трудот на Западен Балкан: мапирање на шеми, решавање предизвици и искористување на бенефитите. Извештаите како овој ни помагаат нам, на креаторите на политики, да создадеме квалитетни политики врз основа на широк спектар на докази и препораки за политики кои може да се спроведат, а кои ќе обезбедат поинтензивен и поодржлив економски раст, додека во исто време служи како преглед на нашите конкурентни предности како регион, рече Битиќи.

Оваа студија, посочи вицепремирот за економски прашања, не треба да биде за натпреварувачки цели меѓу нас, туку треба да ни послужи да креираме многу појасна слика за нашата взаемна конкурентна предност и како можеме да растеме заедно, бидејќи нашата иднина е поврзана и сега, повеќе од кога било, треба да имаме холистички, инклузивен и заеднички пристап кон креирањето политики што ќе се фокусира на растот.

– Ако не го направиме тоа, тогаш сценаријата се дека миграцијата на младите и одлевањето на умовите што веќе се случуваат, ќе се случуваат уште повеќе. Што може да направи една национална влада и што не успеала да го направи или да го постигне? Веројатно сите ќе речат, да ги усогласи политиките со глобалните цели како ЦОР или другите повисоки цели на ЕУ. Македонија не заостанува зад сето тоа: ние ја усвоивме Агендата 2030 и Целите за одржлив развој во 2016 година и ги повторивме во 2018 година и се стремиме да ја одржиме парадигмата на агендата – да не оставиме никого зад себе. Националното собрание ја усвои новата Резолуција на миграциски политики и акцискиот план за 2021-2025 за државата, во декември 2021 година, рече Битиќи.

Потенцира дека не заостануваме во креирањето добар и сеопфатен документ: Национална стратегија на Република Македонија за соработка со дијаспората за периодот 2019-2023.

– Но, сепак, дали е ова доволно? Или има уште нешто што може да го направиме? За првпат, креирањето нови работни места се планира заедно со работодавачите, сите мерки се спроведени во соработка со сите засегнати страни и според реалните потреби во државата на локално ниво. Затоа спроведовме реформа за Дуалното образование со цел да обезбедиме поголема флексибилност и одговорни стручни училишта кои ќе одговорат на потребите на работодавачите и пазарот на трудот. Атрактивноста на стручните училишта и обука е подобрена, што се гледа во зголемениот број на учениците во стручното образование, имено во учебната 2021-2022 година бројот на ученици во стручните училишта е зголемен за шест отсто споредено со минатата учебна година, истакна Битиќи.

Истовремено, нагласи тој, Владата верува дека инвестирањето во иновативни и старт-ап компании ќе обезбеди можност за младите луѓе во државата и ќе ја намали економската миграција.

– Со цел да се покаже нашата јасна политика и волја за следење на идеите на младите луѓе во развивањето на нивниот бизнис, го зголемивме инвестициското портфолио на Фондот за иновација и технолошки развој. Тековното инвестициско портфолио на Фондот е во вкупен износ од приближно 100 милиони ЕУР. Создаваме стабилна економска средина, добри економски политики што може да ни помогнат во градењето атрактивна и предвидлива деловна средина. Како што ги гледам јас работите, целта не е да се заклучат младите луѓе во државата, туку да се создадат можности за нив што ќе им овозможат да го достигнат својот целосен потенцијал во сопствената земја, но во исто време, ќе ги направи доволно конкурентни за светот. Миграцијата е вообичаена и во земјите-членки на ЕУ, но таму луѓето се селат за работа од една во друга земја и тоа е она кон што мислам дека треба да се стремиме, двонасочна миграција наместо билет во еден правец, што всушност е ситуацијата со Западен Балкан, рече Битиќи.

Затоа, посочи, целосно ги поддржувам сите иницијативи што ја зголемуваат Регионалната соработка со цел да се зголеми конкурентноста на човековиот капитал и економиите, без разлика дали зборуваме за Акцискиот план за заеднички регионален пазар 2021-24 или за иницијативата Отворен Балкан или за ЦЕФТА или некоја друга иницијатива во шесторката од Западен Балкан.

– Тогаш, зошто сé уште сите заедно не успеваме да ги задржиме нашите луѓе во нашите држави и во регионот? Она што мора да го направиме е да не ги избегнуваме нашите проблеми, туку да се фокусираме на нив и да зборуваме отворено за нив, но најважно е во дијалогот да ги вклучиме оние што се најпогодени. Тоа е она што оваа нова генерација го бара од нас! Импресиониран сум од нивната сила, чесност и храброст да кажат на глас сé што веќе не им користи или со што не се задоволни, но уште повеќе, да кажат што е она што го сакаат. Горд сум што можам да кажам дека почнавме да ја креираме Националната развојна стратегија која е долгорочна визија за 20 години одржлив развој и раст на нашата земја и во процесот на нејзиното развивање, го правиме токму тоа, ги вклучуваме сите, се обидуваме да го направиме процесот инклузивен, особено за младите луѓе. Посакувам кога бев млад некој да ми кажеше во која земја ќе живеам, работам и ќе обезбедувам живот во 20-те години што беа пред мене, рече Битиќи.

Тој изрази надеж дека заедно со младите ќе успеат да ја создадат таа визија, но не само тоа, и заедно ќе може да ја креираат таа иднина.

– Ние, земјите од Западен Балкан, го споделуваме истото минато, а истото важи и за нашата иднина. Треба, преку взаемна соработка, да ги зголемиме нашите предности и да ги искористиме како конкурентска предност за регионот. И сето тоа додека чекориме право кон Европската Унија. Со ова ќе се осигуриме дека нашите граѓани, особено младите, ќе гледаат јасна визија и иднина, а со оваа јаснотија ќе можат полесно да ги идентификуваат нивните амбиции и животот што очекуваат да го живеат во нашите држави, во нашиот регион. И тоа е она што го правиме, она кон што работиме, бидејќи тоа е иднината што сакаме да им се случи, додаде Битиќи.