Раст на туризмот во Струга во година на пандемија

Раст на туризмот во Струга во година на пандемија

Бројот на туристи во Струшкиот регион и покрај пандемијата, годинава е зголемен за околу 45 отсто во однос на претходната, информира директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски.

Во изјава за МИА забележа дека бројот на туристички ноќевања е зголемен и на ниво на држава за повеќе од 50 отсто во однос на лани. Очекува охридско-струшкиот регион да допринесе уште повеќе во развојот на туризмот и надминување на 2,5 милиони ноќевања, со што ќе се доближиме до бројките од 2017 и 2018 година.

– Генрерално на ниво на држава во првите пет месеци, бројот на туристи е зголемен за повеќе од 50 проценти во однос на 2020 година, а во летните месеци во струшко бележиме зголемување на бројот на ноќевања меѓу 40 и 50 отсто. Во првите девет месеци од годината остварени се повеќе од два милиона ноќевања, што потврдува дека предвидените 2,2 милиони ноќевања од страна на АППТ за 2021 година се остварливи. Тоа покажува дека туристичкиот сектор полека се стабилизира, заклучи Јаневски.

Со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко договориле поголема промоција на Струга, како туристичка дестинација, со учество на меѓународни саеми и преку промотивен материјал.

– За периодот што доаѓа со градоначалникот Мерко договоривме уште поголема промоција на Струга како туристичка дестинација преку учество на неколку меѓународни саеми заеднио со АППТ, меѓу кои саемите во Берлин, Истанбул и Белград. Општина Струга ќе изработи нови промотивни материјали, а предвидена е поголема застапеност на Југозападниот регион и во промотивните материјали на Агенцијата, истакна Јаневски.

Потсети на договорените чартер летови за идната година, со Туи Холандија шест пати неделно, кои треба да започнат од средината на мај, доколку дозволи состојбата со коронавирусот, два чартери неделно со Туи Белгија, Туи Полска, директни авио-линии од Москва и Санкт Петербург до Охридскиот аеродром, а во завршна фаза, како што нагласи се преговорите за чартер линија Киев – Охрид еднаш до два пати неделно, како и на потврдување на соработката со традиционалните Полски туроператори.

За намалување на сивата зона во туризмот, која се претпоставува дека е меѓу 30 и 40 проценти, смета дека е потребно е воспоставување туристичка инспекција и туристичка полиција.

– За да ја намалиме бројката на непријавени туристи и заобиколивање на законската регулатива на несовесните „туристички работници“ АППТ веќе две год бара формирање туриситчка инспекција за да и помогне на локалната власта во импленетација и на Законот за туристичка такса, рече Јаневски.