„Космос“ – Груевски осуден на 9 години, Јанакиески на 3 години затвор

„Космос“ – Груевски осуден на 9 години, Јанакиески на 3 години затвор

„ТНТ“ е нова пресуда која влезе во судското досие на поранешниот премиер Никола Груевски и екс – минстерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

Груевски е осуден на 9 години затвор за нарачаното уривање на комплексот „Космос“, додека Јанакиески доби 3 години. Меѓу 2011 и 2012 година за да се урне комплексот граден од Фијат Цаноски, Груевски и Јанакиески го поттикнале поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски и тогашната градежна инспекторка Елисавета Најдовска. Трајковски и Најдовска добија по четири години затвор. Судот ја констатираше целта на Груевски и Јанакиевски.

„Заеднички со цел да му се одмаздат на оштететниот Фијат Цаноски за неговата политичка одлука со која како претседател на политичката партија ПЕИ ја напуштил Коалицијата со политичката партија ВМРО – ДПМНЕ и склучил Колаиција со опозициската политичка партија СДСМ…“, рече Огнен Ставрев, судија во Кривичен суд – Скопје.

Судот пресуди и обвинетите да му исплатат на бизнисменот Цаноски отштета од 11 милиони евра за урнатиот комплекс „Космос“. Сумата со камата според одбраната достигнува 20 милиони евра.

„Судот, надвор од барањето на оштетениот отиде со огласување на обвинетите и во делот на надомест на штета, со што сметам дека едноставно сакаше да ја тргне одговорноста од државата и да не може да се наплатат овие 20 милиони евра кои се побаруваат, да одат од државата, а дефакто државата треба да го сноси овој трошок во секој случај“, рече Еленко Миланов, адвокат.

Судот за случајот „ТНТ“ од обвинение ослободи тројца вработени во Општината Гази Баба, бидејќи обвинителството не докажало вина за нив. Денешната пресуда за „ТНТ“ на Груевски му е четврта пресуда, додека на Јанакиески шеста.